Wednesday, October 5, 2016

Праведни мерила

          “И им велеше: Внимавајте на она што слушате: со каква мерка мерите, со таква ќе ви се мери, и ќе ви се придодаде вам што слушате. Зошто, кој има, нему ќе му се даде, а кој нема, од него ќе се одземе и она што го има.“ (Марко 4, 24-25)   

Многу неправди ми се направиле во овој живот. И не само мене, и многу им се случуваат на ближните во околината, оние подалеку и всушност на целиот свет. Ако би се запрашале од каде го знам тоа, па веројатно доказ е празнината долу во душата во тој момент, огнената исполнетост со гнев кој навира после тој момент и скршеното срце или напукнатата гордост исто така многу после тој момент. Неправдата може да биде земјотрес, обична навреда, смртта, финансиски дебакл на соништата, ситни капки дожд или порои кои ја матат и реката, и многу друго, и воопшто се. И доколку секоја ситуација може да се етикетира како неправда за некој тогаш не е проблемот во случките туку во начинот на нивната проценка, односно со каква мерка мериме. Доколку се поставиме на позиција на престрог судија ќе го осудиме човештвото за нанесени повреди од петти степен и ќе бидеме целосно неутешни. Ако аршинот не биде толку затегнат можеби и ќе си признаеме дека ближниот не сакал да не повреди. А доколку му поверуваме на Бога дека настаните се само дел од Неговата промисла за часот за воспитување, тогаш со насмевка ќе ги пречекаме сите утрешнини.
Знам дека ќе ми се придодаде затоа што слушам. И ги читам зборовите Божји. Наводно сето тоа ми помогна да ги подредам мерките според напорите на љубовта и некогаш повеќе да сожалувам отколку да судам. Но, тоа не беше доволно за да постапувам вистински според двигателот срце очистено од сите негодни страсти и помисли. Сум оставил простор во кој повторно се накотиле и опстанале демонски забелешки кои упорно се дрзнуваат да ставаат вето врз моите одлуки и подметнуваат некои од нивните како створени да ги сплеткуваат нозете. И тогаш останувам само верен слушател со камено тло на кое словото нема да роди, а мерката за крајниот суд ќе ми биде многу над опростливоста.
Кој има нему ќе му се даде. Малку парадоксално ако се земе во предвид белегот на христијаните да немаат вишоци, па дури и да го подарат она едното доколку им се укаже можноста за награда. Веројатно се мисли на надежта. Кој ја има во Господа и во наследството кое му е ветено, ќе му се даде и во еден обичен ден, од утрото кое започнува со униние до вечерта која завршува со покајување. Или се мисли на милоста. Кој ја дава на ближните со едната рака, а тоа не го дознала другата, ќе му се прави уште повеќе и изразено после постапките кои заслужуваат казна. Или пак на радоста. Кој не заборавил да се смее во другите денови освен викендите, кој се радува на насмевката на своите деца повеќе од унапредувањето на работното место, и кој среќата ја изедначува со исполнетост после послушание кон Таткото, ќе му се даде радост која со напор душата ќе ја прибере и ќе биде само дел од она што човечко око не видело. И на крајот можеби на спокојот. Кој го има и скоро се претрпил ќе добие уште за да биде куќа на камен со темели неподложни на разјадување и ќе стои долго, долго до вознесувањето.
Кој нема, од него ќе се одземе и она што го има. Ако нема доволно надеж во Господа ќе ја загуби и онаа во светот налик на зборовите на празмијата. Ако нема доволно милост ќе му се одземе и она што така се нарекува кон оние од должност или вкалкулирана корист. Ако нема доволно радост за богатството кое крадец го демне ќе му се одземе и онаа која ја предизвикува изгревот на сонцето кое го најавува новиот ден. И на крајот, кој нема доволно спокој секогаш во расчекор со неисполнетите желби, ќе му се одземе и оној што му бил даден додека траеше насмевката во еден обичен ден. И тој ќе остане без своето кое никогаш не му било утеха за да прифати дека неговото немање не било вистинско и дека да немаш е единствено можно ако е Бог во прашање. Да го немаш Бога значи крајна сиромаштија. А, можеби од тој што нема ќе се одземе и она што го има како поука дека подзаборавил на скромноста. Или дека суетно од Бога сакал да го сокрие она што го има, сакајќи да го претстави како свој производ, но недоволно богат мерено според сопствените дела.











            

Saturday, September 10, 2016

Лесни тајни

          “И им кажа: Вам ви е дадено да ги знаете тајните на царството Божјо, а на оние, надворешните, сé ќе им се кажува во параболи, за да гледаат со очи, и да не видат, да слушаат со уши, и да не разбираат, оти се бојат да не се покајат некогаш, та да им се простат гревовите.“ (Марко 4, 11-12)   

Којзнае колку се прекрасни тајните на царството Божјо. Таму е сокриена веста за рајот, местото за кое ми копнее душава иако мојата фатаморгана за него е изградена само врз моите проекции што би бил најголемиот спокој. Потоа тајна за царството тука на земјата уште додека е во нас, кое важи само за оние со очистен храм, и трепетот кој го создава креиран само да поддржува крила и нивниот лет во целосна слобода. Тајната за љубовта, најголемиот двигател и суштинска сеисполнетост на царството, поставена врз односот Татко и деца и незанемарливо присутна во сите случувања, па дури и оние најбезначајните од типот на дишам, значи постојам. Тајната на солзите, Немупосветени и врели, нелажливи, неинаетливи и непотрошени попусто за скршена играчка, вистински солзи со течност и тајновита соленост и внатре полни со покајание, желба и истовремено толку силна немоќ за промени, носачи на зборови испратени од прекрстени раце и неми усни кои кажуваат сé. Тајната на молитвата и нејзината улога да го потврди и доизрече она што го загрцнаа солзите, нејзината моќ да го омекне и онака нежното срце Господово и го убеди Неговото потполно разбирање дека пред Него стои само едно загубено јагне кое го демнат волци лигавејќи се над неговата застранетост. Толку лесни тајни за распознавање и без сомнеж најдоволно лоби да се преживее тестот на земјата во последните времиња кои кога ќе дојдат ќе го подигнат и поклопецот врз свеќата.
А, надворешните ќе слушаат само параболи. И покрај степенот на нивната мудрост единствено што ќе слушнат се обични приказни чија поука ќе биде недоволно интересна за да би ја ставиле во срцето или барем сочувале во некое друго сокровиште од каде подоцна би ја искористиле за поголем профит. Ќе гледаат со очи и нема да ја видат милоста за која се зборува наоколу, која ќе треба да се прави со сопствени раце, а потоа и да се прима со истите нив, но многу несразмерно ако се земе во предвид дека се давало во зрнца, а добивало со грстови. Ќе слушаат со уши и нема да разберат бидејќи единственото нешто што сакаат да го слушнат е суетниот говор на телото никогаш незадоволено ниту од храна, облекло, ниту од страсти и нечистотии, ниту пак за топлина од погрешни извори. Така, тие се бојат да не го разберат сето ова, ги откријат тајните на плодноста па да мора да се покајат за да ја ползуваат. Пресметливо им е да се покајат за да го добијат наследството, но не доволно тоа да го сторат по потешкиот пат кога веќе ги имаат демонските подметнувања на заменските задоволства кои траат кратко. А, ако се покајат некогаш ќе им се простат гревовите. За жал и тоа не им значи како и на нивниот татко убиец кој беше исфрлен од Небото и кој не сакаше да има близок однос со Бога, а го привлекуваше позицијата бог и болна семоќност, и веројатно подобро е, размислувано со нивни разум и сиромашна логика, да си го скаменеш срцето и да не ги слушнеш поуките кои те раскринкуваат и ти говорат за твојата гревовност, да не дозволиш на совеста да ти ги маркира твоите грешки и те моли да се променеш, за едноставно да не дознаеш дека си негоден. Страшна е таа тајна дека некаде надвор од тебе има добрина која треба да ја стекнеш или повратиш ако веќе си ја загубил. Ќе бидеш поинаков од мнозината, ќе немаш ништо друго освен царството Божје, ќе бидеш светол од радост недоосознаена и ќе мораш за сето тоа да се оставиш стариот себе на крстот. Ако макар за миг тоа ти изгледа тешко ти ќе си го скаменеш срцето во летаргија и ќе продолжеш по познатиот пат кој води во Езерото.
Блажени се оние на кои им е дадено да ги знаат тајните на царството Божјо. Посакувам да дознаам барем една од нив. И не да го направам тоа од сурова љубопитност склона на озборување, туку да почувствувам удел во честа укажана на блажените кои постанале такви кога на почетокот им била откриена најпрво една малечка тајна.












                                                                                                                                    

Sunday, September 4, 2016

Потреба од Лекар

          “ Кога го чу тоа Исус, им рече: Здравите немаат потреба од лекар, а болните. Не сум дошол да ги повикам праведниците,туку грешниците – на покајание.“ (Марко 2, 17)   

Комплетно сум здрав, нормално ако се исклучи мал дебаланс помеѓу малиот и големиот притисок, понекоја утринска главоболка и црни мисли на депресија пред првиот сон. И не ми е потребен лекар бидејќи можам да се насладувам на еден тон храна неподелен ниту помеѓу два оброци, имам сеуште силна желба по скоро секое суштество од спротивниот пол, можам еден талант да претворам во педесет уште пред моите соработници да сфатат дека сé прелажани, ја сакам зависта која ми е доволен предизвик да го победам оној што од мене погордо ќе прозвучи. И не му е потребен лекар на еден ваков претставник на светот кој никому не останува должен по лошото, кој гази по живи и трупови со единствена умисла да се стаса до дестинацијата, кој го живее животот како само еднаш да се прави тоа, кој не се разликува со животните ниту по инстиктите, кој делува сосема здраво ценејќи по неговиот напредок. И кој би зборувал за лекар кога никогаш симптомите не ја преминале границата и онака вулгарно да ја повредат совеста, туку секогаш, сосема идилично стојат на работ на лицемерието и иронично се потсмеваат. Здрав ли сум?
Комплетно сум праведен, нормално ако се исклучи малиот дебаланс во калибрацијата на мојата вага за мерење на тоа што е право, а што не е. Праведно е да ја имаш најслатката храна во светот во количина барем два пати поголема од обемот на сварливост на твојот желудник. Праведно е да ги исполнеш сите желби на сите сетила на телото со што голем дел од денот ќе бидеш помеѓу нирваната и катарзата. Праведно е да бидеш најголемиот трговец во светот во чија добивка ќе бидат вклучени крвта, потта и солзите на вредните и непроценливото задоволство од измамата. Праведно е да бидеш центар на целодневното внимание кое нема да биде само себепосветување туку и очекување и од другите да ги искажуваат своите воздишки јавно и запрепастувачки силно. Праведно е да се цица животот до последната капка, до бессознание кое ни смртта не би можела да го пробуди, за да таа проклетницата, единствената пречка до полнотата, биде победена и й биде понудено да се повлече како би еден земјанин бил славен до вечноста. Праведно е она што им се случува на другите, а сите го сместуваат во категоријата трагедија, да не се случува и на себе си поради праведноста на природата да ги ништи само селектираните несреќници поинакви од прифатеното јас. Најправедно е тоа да добиваш се она што посакуваш бидејќи демончето ти дошепнало дека доволна посветеност е само онаа со која сите желби се фокусираат во листата и дека доволна реализација е само онаа кога си бог врз сопствениот живот. Праведен ли сум?
Болните имаат потреба од лекар. Не е рак или сида, но страстољубие значи да си слободен да избираш, да посакуваш и љубиш, да го поседуваш и од(из)живееш, и да го покаеш и проколнуваш. Барем да беше рак, ќе го прогонуваше низ телото, отсекуваше, умртвуваше, терапираше ... Ова, ти застанало пред тебе, не бега, а те повикува, го дофатиш ли на небото си, го завршиш ли под земјата си. Лекарот не пишува рецепти, веќе го ставил лекот во преградата од срцето каде е доста фрекфентно и секој може да прочита дека бремето може да се истовари секој ден во секој час. Во товарот секако се вклучени и помислите чија тежина е најенормна.
Тој дојде да ги повика грешниците на покајание. Кој ли е грешник, зошто, кога згрешил, тоа ли е грев? Психолошка револуција, надитрување со совеста, непрепознавање на непријателот, непознавање на борбата, непризнавање на безумието ... Сите сме грешни уште од непослушноста на прародителите и кога остро би ги осудиле за тоа што го сториле, и кога питомо би ја оправдале нивната измаменост. Повикот е пратен, да ги искажеме своите самозалажувања во почетокот во нејасен разговор дека ние сме тие изгубените, а потоа низ солзи дека каколот не дава да се откорне од нашите дамари и дека ни е потребна помош. Солзите  треба да бидат барем врели, не за да го убедиме Господа за да ни прости, туку да остават траги по образите кои ќе не потсетуваат на стариот човек и на уште една можност да го оставиме на крстот.




Sunday, July 17, 2016

Возљубен син

          “ И се чу глас од небесата: Ти си Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја“ (Марко 1, 11)   

Кога би го чул овој Глас и кога би се однесувал за мене, би бил најсреќниот човек на земјата кој по прогласувањето ќе биде многу блиску до небесата, секако под услов да продолжи она што сум го правел претходно, а го поттикнало произнесувањето. Титулата син е признавање на сопственост на рамниште со Исуса и отворена можност, сега без засраменост од потреба за покајување, да се нарече татко Оној од Кој стравот веќе исчезнал, трансформиран во авторитативна почит. Додавката возљубен е копнеж по совршената љубов која не изостанува за никого, па ниту за од неразумност постанатите сираци, но милува некако посебно привилегијата да се биде дел од стадото, под постојанен надзор на загриженост, сочувство и милостивост. По Негова волја е друг збор за богоподобие, доказ дека се прифатени сите солзи за прегрешенија, сите подигнувања после сите падови во незнаење, сите ветувања наутро дека ќе се чекори по тесниот пат и сите молитви навечер дека дел од чекорите застраниле, и сите погледи кон Небото кога другите надежи иако последни сепак умираа. Кога би го чул Тој Глас и кога би се однесувал за мене, би бил сигурен дека мојот тест на земјата е завршен со највисоката оценка.
Но, Тој Глас се однесуваше на Исуса, вистинскиот Син. Го посочи и без да ја каже причината за возљубеноста беше јасно дека Тој беше Оној кој во облик на човек раскажуваше за Небесата, го контролираше земското, дарува жива вода на жедните, ја споделува благоста на јаремот, не го заслужи крстот за помирување на Творецот и творбата непокорна, ќе дојде на облаците за да ги одведе праведните ... Би ли му поверил некој толку сензитивни обврски на некого ако неограничената доверба дека ќе бидат завршени со апсолутна светост не е без сенка за сомневање? И нели тоа ќе ја осоврши љубовта во возљубеност, што е сличен термин, а можеби означува уште поголема приврзаност и топлина до бескрај? И е по Негова волја. Точно онака како Тој ги замислуваше и проектира милоста, сочувството, грижата за ближните, вистината и патот. И заповедите полни со паралелна интеракција помеѓу послушноста во исполнувањето и задоволството од наградата. И желбата да се стане од Престолот и се продолжи долу помеѓу волците, да се спори со светот дека тој е само привремен и трулежен, дека треба да се чува богатството онаму каде што е срцето, а тоа треба да биде онаму каде што нема веќе да има солзи и тага нераздвојна. И трпеливост да се испие чашата не со сопствените, понекогаш недоволно промислени посакувања, туку со оние наменетите од Таткото, и тоа да се стори без куп од негодувања, прекори кон злата судбина или чувство на повредена праведност.
Кога би го чул овој Глас и кога би се однесувал за мене, би помислил дека го живеам крајот на една бајка, иако не верував во нив, но ги посакував нивните завршетоци. Но, и како син немаше да престанам да ја барам живата вода која единствено напојуваше, јаремот кој е благ и константно оптоваруваше потсетувајќи на чекорите кои не би воделе на исто место без неговата тежина и чекам Исус и Неговото доаѓање на облаците. Секако Таткото сеуште нема да има неограничена доверба во ваков син кој во секој момент може да се најде на работ од падот, па дури и долу во бездната, и ќе биде континуирано под сомневање дека секоја помисла може да биде замрачена од демоните. А тоа ќе биде причина повеќе да се биде внимателен во рамките на стадото, надвор од него каде демнеат волците, со себе како тело тврдоглаво по своите страсти и во себе како душа суетна по своето тело. Титулата син нема да добива опростување без покајување, нема да го заобиколува крстот без да го почувствува убодот на клинците, нема да ги засуши солзите до доаѓањето во Новата земја и нема да се разгалува фалејќи се по крстопатите за својата родова врска. Титулата син ќе биде скриена радост која поттикнува и обврзува на близок однос со својата совест, меко срце искршено од неволјите и молитвите на кутрите ближни, поглед кон земјата кога на очите им треба храброст да се подигнат со извинување ... И титулата син ќе биде нескриена радост за прифаќањето на едно заскитано јагне кое не знае ниту каде тргнало, ниту дали воопшто некаде ќе стигне.











            

Saturday, June 18, 2016

Доказ за вера

 “ ... нека слезе сега од крстот, па ќе поверуваме во Него.“ (Матеј 27, 42)   

Колку чуда и да ни се случат во животот наш неверлив, сите ќе му ги препишеме или на нашата заслуга или ќе ги игнорираме во нивната суштина да бидат чудо верувајќи дека се појавиле како обичен настан. За нас е само обичен настан зачнувањето во утробата на таа мајка, животот низ бура на настани во тоа семејство, формирањето на земски човек со свои особености, борбата на тагата и радоста и нивните продукти со директно влијание врз душата, и се останато неспоменато точно до часот на смртта. Малцина веруваат дека тој обичен настан го надгледуваат безброј суштества групирани во две репрезентации, ангели и демони, и двете склони да дошепнуваат, извикуваат и оттргнуваат и сето тоа молчешкум. На врвот од се е Седржителот, Кој ги познава тајните на сите срца и секогаш ги зацврснува скрушените или му дозволува на Мамона да ги искушува горделивите. Според тоа тие обични настани се вистински чуда, секој ден, во секоја нивна секвенца и копнеат да бидат сфатени со нивното вистинско име кое ќе не поттикне средбата со нив да ја доживееме како лекција од чие учење и исполнување ќе зависи исходот на нашето утре.
За да поверуваме во Него требаше да слезе од крстот, да ни покаже дека вистина ја има таа моќ да се спротистави на волјата на првосвештениците и наредбата на Пилат, на армијата Римјани наоколу, на клинците со кои беше закован... Можеби требаше помпезно да одлета од крстот, или истиот го преполови, или пак исчезне од него како вешт магионичар и се појави подалеку, на врвот од соседниот рид обвиен во магла. Тогаш запрепастено со наполу отворена уста ќе верувавме дека Тој има надчовечки способности и воодушевено, подготвени и дури да аплаудираме ќе бевме возбудени дека баш ние бевме сведоци на таа сцена, која мнозина не можат ниту да ја замислат. И уште неверливи ќе Го почекавме да се врати, физички да ни се претстави дека навистина Тој е оној ист облик од крстот, за што дополнително ќе се увериме ставајќи го прстот во раните од клинец. И само една секунда подоцна доколку некој одлучи повторно да го врати таму и закова, нашите убедувања се враќаат на патот по кој оди меурот од сапуница и онака надуени завршуваат распрснати во најмали капкички, сега повторно сомничави во Него за уште еднаш да го стори истото. На нашите очи многу им е потребно повторување на чудата за да си останат спокојни дека она што го гледаат сега ќе биде навистина истото и наредниот пат, односно таа дежа ву навика им овозможува да бидат потрпеливи помеѓу едно и друго чудо. Но, очигледно дека тие ја загубиле врската со срцето до кое често пристигнуваат лажни информации.
Блажени се оние кои ќе поверуваат без да видат. Не го видов слегувањето од крстот, ниту неподмрднатиот камен од гробот од каде беше произнесувањето на Небото. Но, во срцето длабоко знам дека сето тоа се случи, зошто Тој го кажа тоа. Му верувам на Гласот кој никогаш не ме излагал и чија топлина се граничи со копнежот уште повеќе да се слуша и да заштити од валканиците во светот. Некогаш е строг и прекорен, но покајно принудува на враќање на патот чија целна линија покажува нагоре. Некогаш е мил и трпелив, и изнудува солзи кои не сакаат да запрат додека ништо не остане непрочистено. Дури и со затворени очи води кон стадото, преку пречките и нуди утеха во привремените порази кои не се погубни така како што изгледаат. Дејствува и трновито, секогаш вознемирувачки во точка која потсетува дека концентрацијата од суетата треба да се пренесе на болката, само додека гордоста напушти. Никогаш не оди во пензија, неуморен е како куќа на камен, која колку и да ја удираат брановите, си останува на своето место. И ти не би поверувал на тој Глас? Имаш ли нешто поопипливо во светот, нешто што ќе даде поцврста гаранција дека страстите не мирисаат посмрдливо од трулежните коски во гробовите? Или некоја сила што ќе вети вечност, и сама за себе несвесната дека ќе заврши во огненото езеро? Не. Па тогаш слушни го Гласот и Неговата благодет, зборува со многу грижа за тебе и сеуште верува во твоето покајување.












                                                                                                                                    

Saturday, June 4, 2016

Слепа хула

 “А минувачите вртејќи ги главите свои, Го хулеа и велеа: Ти, што го уриваш храмот и за три дни го соѕидуваш, спаси се Себеси! Ако си Син Божји, слегни од крстот!“ (Матеј 27, 39-40)   

И онака обичен минувач низ животот, не ми преостануваше ништо друго освен пребрзо да донесувам сопствени, суетни заклучоци незасновани врз ниту една нишка на вистинското спознание, а темелно прехранети со човечко мудрување и гола филозофија која беше само колорит на свежо варосаните гробови полни со изгниени и смрдливи коски. Велам обичен минувач, незаинтересиран да погледне подлабоко во срцето, повремено млако, повремено жешко фокусиран на телесните желби и нивните заситувања, и што е најлошо добро информиран за патот кој води кон Небесата, но без доволно амбиции да се одржи на истиот. И како и сите обични минувачи, вртејќи со главата своја негодувам на устројството на светот и неговата неправедност во распределбата на добра и среќни околности, се поплакувам на навидум ѕвездената судбина на некои од моите ближни и на моето под нивно ниво на животарење или се споредувам со оние кои се немошни, цврсто убедувајќи се дека тие го заслужиле тоа гледано од мојот фарисејски аспект. За жал, невнимателна и бескруполозна хула кон Креаторот на светот, Неговиот обид да создаде локација со симулација на едно битисување кое ќе биде само тест чие полагање ќе води кон вечноста каде престојуваат Светиите, односно паѓање кое ќе води кон езерото полно со сулфур и маченичка жештина.
Ако хулата претходно беше осквернување на најголемиот Авторитет во сите светови, не подолу е онаа изречена кон Синот, попрво како негација, а потоа и како наредба. Негација на Неговата изрека дека храмот ќе биде срушен и изграден за три дена. Афирмација на човечката глупавост дека масивната градба налик на бетонска планина Исус се закани дека ќе ја сруши со чеканче или пак истата да ја возобнови за само три дена со механизација која тогаш отсуствуваше, а и да би ја поседувал и денешнава и дури и идната заснована на некои чипови кои ќе градат експресно како во компјутерските игри, не верувам дека би била доволна. Секако далеку од невозможноста во архитектурните потфати, пораката ја носеше една од најубавите вести отсекогаш  и засекогаш  слушнати за победата над смртта, за положувањето на мртвото тело срушено во гробот и неговото соѕидување после три дена во структура прифатлива за Небото. И второ, наредба од минувачите на Синот да се спаси Себеси. Тој, Кој како јагне пред своите колачи, како човек од прав наместо Светлост најзаслеплива, како жртва последна за помирување, Тој не дојде за да се спаси Себеси. Всушност од Небото дојде пораката за повисокиот стадиум во размислување и делување на човекот не повеќе како единка околу која и само за која би се вртел светот, како егоистичка направа за самозадоволување на сопствените телесни побарувања, туку веќе како духовно настроено дете со наивни погледи на случувањата наоколу и пред се полно со милост за другите изразена во подготвеноста да се земе од себе, да се прегази сопственото јас заради нив. И во никој случај Писателот на таа порака не дојде за да се спаси Себеси туку само да ја испие чашата.
Мнозинството не поверува ниту дека е Син Божји, ниту дека драмата во тој ден би ја имала својата цел доколку Тој слезеше од крстот. Тој не би направил преседан како јас и ти пред првата пречка на скалилата кои водат нагоре, пред пролетниот дождец кој ни наликува на бура, пред лесната настинка која ни тежи како болест и пред дошепнувањата на демоните чија слобода нуди ропство. Остана прикован за дрвото со клинци чие прободување верувам не болеше повеќе од изречената казна за невиност, хранет со жолчка и оцет за уште поголема агонија во помрачувањето, со негодни извици од оние кои ги оправдуваше, одречен и неповеруван од оние кои најповеќе го познававме и нестрпливо очекуван од Сценаристот на целиот план за спасување. Апсурдно беше да се слезе од крстот кога толку многу се постигна таму. Смртта се претвори во пародија без своето осило, сатаната во беспомошник без својот трозабец, ние во потенцијални ангели ако се промениме, а приказната зачна убав крај иако цело време сомнежи нé прогонуваат. И, јас добив причина да го подигнам погледот од земјата.












            

Saturday, May 28, 2016

Најсрамниот чин

 “И плукаа на Него и, како ја зедоа трската, Го удираа по главата. А кога Го исмеаја, Му ја соблекоа багреницата, Му ги облекоа Неговите алишта и Го поведоа на распнување.“ (Матеј 27, 30-31)   

Прости им Господе, не знаеја што прават. И онака нечовечко однесување кое ќе биде запрепастувачко и кога би било насочено и кон од подолните видови битија, суштества со малку разум за сепак да се зачудат зошто некој го прави тоа во нивни правец и врз нивна глава, а камоли човек кон човека, и уште повеќе човек кон Господа. Подигнало ли рака полна со гнев и иронија созданието кон Создателот несвесно дека во периодот на неговото создавање е употребено повеќе љубов од количеството на сите води наспроти неколкуте капки гнаслива плунка, и употребено поголема љубов од густината на сите шуми наспроти една трска првично засадена не со цел да угнетува. Да знаеја што прават би пропаднале во земјата кутрите, под услов и таа да би ги примила, и не по нејзина волја, а замолена да ја отвори својата утроба и им направи гробови како што им доликуваат и од каде ќе продолжи виежот на црвот ненаситен. Да знаеја што прават ќе беа бесни на мајките кои ги родиле за да израснат во отпадок кој однесувајќи се отпадно го оскрнавија Најсветото што стапнало на земјата, Најсветлото што горело на небото и Најсилното што се појагнило за да ги поучи неверливите.
Кога Го исмеаја, како да беа сигурни во својата гордост и храброст и знаеја дека нема да се отвори небото и се насочат стотици громови врз нивните глави, дека нема да долетаат дванаесет легиони ангели и ги прободат со нивните мечови или дека нема да се појават од никаде милиони скакулци, болести и крвави реки за да ги изгризат, изјадат и удават нивните невредни тела. Го немаа Божјиот страв и последиците од Него кои му помогнаа на човекот да се покае за отпадот и обнови во Образот само преку Кој се стигнува на Небесата. Ниту се загледаа во Неговите очи кои и, ако се земе во предвид нивната заслепеност од власта која кратко ја имаа, иако Божји не ги препознаа, ниту ја идентификуваа брановидноста на случувањата во нив, тргнувајќи од промислата на Овој тогаш Богочовек да се создаде свет и му се додели на човекот водечка улога во него, да се претрпат разгаленоста и своеволноста на човештвото воопшто, да се уништи околината и повторно преуреди како лекција за неразумноста, па и на крај да се отфрли божественото и прифати страдалното тело само и само за исполнување на заветот. И онака багреница или не, Неговиот плашт невидлив ореол чие и крајче беше исцелително за крвотечение, чија ткаенина беше доволно да се допре и преземе дел од душата без маани или барем не бесцелната утеха дека тој контакт би бил едно од најубавите нешта што сте ги сториле во последните времиња, а за подоцна да сфатите дека тоа било и најубавото.
И Го поведоа на распнување. Ако правдата се дефинира како казна за отстапниците од одредените критериуми кои за мнозинството се правилни, тогаш нема логика во пресудата за Голгота. Ако пресудата беше Крст заради престапи опишани во некој член од законот на мнозинството згрозено од одредени чинови, тогаш нема логика ниту во одлуката да се распне. Ако одлуката беше еднаква и за виновни и за невини, а не беше бидејќи Варава се измолкна на слобода, тогаш нема логика ниту во судот. Ако судот е независен од притисокот на посилното мнозинство, а не беше бидејќи Пилат ја калкулираше својата власт и нејзината одржливост на престолот, тогаш нема логика ниту во постапките на власта. Ако власта се делеше на Римска и првосвештеничка и двете беа нееднакво силни, но синагогата го победи императорот бидејќи сакаше да го заштити Бога од себе си, тогаш немаше логика Неговиот Син да се предаде на распнување. Ако веќе Го предадоа и се уверија дека не може Себе да се спаси како што спасуваше мнозина, тогаш немаше логика во Неговото воскресение. Но, тоа се случи и сé доби своја логика. Логично е да нема правда на земјата, одлуката и пресудата за Голгота да бидат позајмени од сценариото на Мамона, судот да биде излажиран за јавноста, власта да помогне за да си потрае, Крстот да го распнува стариот човек, а Воскресението раѓа оној спасениот.







Saturday, May 21, 2016

Миење раце

 “Пилат, штом виде дека ништо не помага, а буната се зголемува, зеде вода, ги изми рацете пред народот и рече: Невин сум за крвта на Овој Праведник, мислете му вие!“   (Матеј 27, 24)   

Вообичаено протривање на една од друга рака со помош на вода која ќе ја одведе нечистотијата подалеку од нив и од помислата дека не е веќе валканица која би можела да й наштети и на душата. Процесот нема доволна микроскопска прецизност за да потврди дали негодните бактерии ги напуштиле екстремитетите и најчесто се заснова на чувството на леснина кое беше овозможено од ритуалот на миење и кој, само по својата препознатливост дека е наменет за прочистување, е самодоволен да нé втурне во удобноста на заклучокот за беспрекорно чисто.
Си ги погледнувам моиве раце на кои на прв поглед нема ниту дамка од нијансите кои затемнуваат, но не сум сигурен дека треба да бидам задоволен со таа сознајба која демонски дошепната ми се потсмева со трик прашање дали сепак не пропуштам некоја честичка која учествува во предавството на Праведникот. И ако ја пропуштам, а не сум можел да ја идентификувам, тогаш зошто се окотила, каде се крие и која й е умешноста да креира лажен идентитет? Нејзиниот постанок веројатно е поврзан со мојата колебливост при избор на патот, честото лутање де по тесните трнливи врвици кои водат до врвот, но и тркалањето по широките непрегледни магистрали полни со блуд, пот и солзи, што ја поттикна да се генерира, но и силно да опстојува под мојата кожа. Местото на сокривање беше јама, каде впрочем и се кријат непријатните изненадување, смрдлива дупка чија реа ме тераше секогаш да ја одбегнувам и дури и кога совеста ќе ме примораше да се наведнам над неа и вдишам со цели гради. Умешноста да биде актер и демагог врз моите чувства истовремено, ја правеше способна да не ја препознаам иако толку пати сум ја видел, ме измамила и дури и ми закажала нова сесија со добро проверените лаги. Си ги погледнувам моите раце повторно и веќе знам дека во нив има дамка која повеќе нема да ми дава мира на земјата ниту кога би ја миел бесконечно, ниту кога би ја прифатил како гребаница.
Пилат виде дека ништо не помага, си ги изми рацете пред народот и вината на неговата одлука ја префрли врз него. Кому јас да ја префрлам мојава? Цвеќината не ја сакаат поради нивната наивност во утврдувањето на разликата помеѓу есен и пролет. Ниту птиците ми ја прифаќаат како маса која би ги отежнала нивните крилја на патот кон југ. И дрвјата и планините и водата, дури и сонцето кое е толку моќно да претопи една вина во капкички роса. Единствено Небото, тоа ќе посегне по неа, но не ваква сурова како што егзистира во мене, непокаена. Ќе ја прифати, подземе и олесне, но треба да биде навлажнета од солзи за полесно да се одлепи од земјата. Треба да биде дишана со воздишки за полесна од озонот да добие летечка конструкција. И да биде премолена со молитви во кои се слушнаа и ветувања за нејзин заборав. Тогаш ќе се разделиме со мојата вина, таа долгогодишна состанарка која ја мразев повеќе од себе си кога й подлегнував.
Мислам дека сум невин за крвта на Праведникот. Љубовта на Татко Му за светот беше потврдена со жртва со која се потпиша договорот кој значеше смрт за гревот и почеток на праисконскиот однос после шестиот ден. Се што следеше после Крстот требаше да биде исполнување на заповедите и раѓање на новиот човек. Но, таа револуција остана нема во Писмото, и не во срцата со камена ограда. Повторно го чувствувам црвот кој глода по калкулацијата за часот на одмор на телово будно, но заинтересирано само за неговите навики кои се задоволуваат кратко, страсно, привремено и секогаш недоволно. Сакам да се разделиме за да не му дозволам неговата опсесија да биде полно, да преовлада и со моите мисли кои последично потоа ќе го вознемируваат мојот разум, лесно поткуплив да посака да му се придружи и обата станат тело, никогаш доволно сито. Разделбата, посебно со нештата поврзани со корени, е секогаш тешка, а некогаш скоро и невозможна. Имам едно сечило за корења, но сеуште не сум го употребил, го чувам за денот кога страстите ќе ми се одмилат. И дотогаш мислам дека не сум невин за крвта на Праведникот.






Saturday, May 14, 2016

Пред петел да пропее

 “Тогаш тој почна да се колне и се заколна: Не Го познавам Човекот. И веднаш запеа петел. И се сети Петар на Исусовите зборови што му ги рече:  Уште петел пред да пропее, трипати ќе се одречеш од Мене. Па излезе надвор и плачеше горко.“   (Матеј 26, 74-75)   

Не Го познавам Човекот. Ако навистина Го познавам ќе се лишам од лошите дела и навиката да складирам само негодно во сокровиштето од моето срце. Ако навистина Го послушам, патот нема да ми биде толку широк и преполн со обемни задоволства кои едвај дочекуваат да ги стигнеш за да побегнат уште побрзо раскикотени во својата сигурност дека уште еднаш и уште еднаш ќе тргнеш по нив. Ми ја раскажа приказната за заблудениот син, но само привремено ме трогна сличноста на живот на дното со него, како недостигот дури и на храната за свињите да не беше пресуден да ме отрезни и врати во светлината. Ако Го познавам ќе му верувам на Неговата кроткост создадена да воспитува и кога казнува и на Неговата милост која наградува кога простува. Знам дека со прстот во песокот Ми ги пишуваше гревовите, но никогаш немав време да застанам и ги прочитам, да благодарам дека јавно не Ме посрамотил и да се пробудам надвор од мојата куќа од песок. И колку да бев убеден дека Го познавам, уверен дека Ми простил за секој гревопад, завршував со поглед кон земјата која со право ме обвинуваше за мојата слабост одново и одново да ги повторува истите заблуди кои само за уште неколку моменти од времето ќе беа целосно покаени. Го слушам гласот на петелот кој го навестуваше времето за плачење.
Не Го познавам Човекот. Ако навистина Го познавам нема да се срамам пред луѓето да објавам дека Тој е нашиот Творец и Вистината, Патот и Животот. Ќе се префрлам од нога на нога и кисело ќе се насмевнувам на атеистичките недоречености дека човекот настанал од мајмун, мајмунот од амебата, таа од космичката бура, а таа од ништо. Кому му е потребна вистината ако лагата е предуслов за успешност и стимулатор за слава и суетно себеподигнување? Зошто мнозината го избираат широкиот пат со отворен поглед и лесен дофат кон материјалноста необзирнувајќи се на тесните, кривулести врвици наоружани со бодликави трња кои нудат само спокоен сон и нечуена визија на крајот?  И кој освен малцината ќе го отфрли мотото на милениумот дека се живее само еднаш и тоа треба да се искористи со максимум напори и да се граба, газе и турка? Ако навистина Го познавам ќе се борам да им докажам дека мракот не е состојба на битисување, дека егоизмот не е доблест во карактерот, дека парите не се топла категорија, дека смртта е само сон за праведниците, дека огненото езеро е пострашно од гробната дупка, дека богатите не ги збира низ иглени уши и дека молитвата е комуникација, а се останато дрдорење. Но, Тој напомена за оние кои се откажуваат од него, ќе бидат исто откажани пред Неговиот Отец. Уште една причина после гласот на петелот да се заплаче.
Не Го познавам Човекот. Ако навистина Го познавам нема да се плашам да ги напуштам страстите. Ух, да се остане без полн стомак скоро половина час, без трепети по телото предизвикани од студените чаршафи во туѓа постела, без измама која ќе донесе материјален профит, без цврст допир до се што е во видеокругот и пошироко што би можел да замисли еден скоро анимален разум...  Ако навистина Го познавам ќе верувам дека не се живее само од леб туку и од зборот Божји, дека трепетите уште посилно се создаваат при погледот кон близначињата од сопствената срна, дека вистината без добивка сама по себе е благодет, и дека најсладок контакт е оној со Силите на Небото. Ако навистина Го познавам чест ќе ми биде мојата борба против самиот себе, и можеби после некоја извојувана победа, подлабоко ќе верувам и во доброволното учество како војник против армијата на Мрачната напаст. За жал одрекувањето ми стана поголема навика од послушноста и сите мои бесплодни напори завршуваат со семејна трагедија и нишка надеж дека утре ќе биде и бидам подобар. Тоа чувство на празнина не се опишува со зборови недоволни да ја отсликаат сцената на Распнатиот, исфрлените надежи крај Неговите нозе, скршениот човек кој со солзи ги оплакува и пеењето на петел во позадина кој го означува толку пати веќе виденото.





Saturday, May 7, 2016

Духот е бодар, но телото е слабо

        “Па кога дојде при учениците и ги затече како спијат, и му рече на Петра: Толку ли не можевте еден час да останете со Мене будни? Бидете будни и молете се, за да не паднете во искушение: духот е бодар, но телото е слабо.“   (Матеј 26, 40-41)   

Сонот, таа компонента со повеќе значења е дел од напорите да се излезе од себе си и се заживее во некој друг свет или пак едноставен предуслов кој мора да биде исполнет за да се овозможи нормално функционирање на човековата природа. Без оглед на дефинираноста, неговата прегратка е многу потребна и кога се работи за состојба на исцрпеност која предизвикува раздразливост и мртви сетила за борба, и кога верата е силна и настојува своето испитување да го поткрепи со соништа за невиденото на небесата. Но, ова е приказна за неговите негативни импликации врз присебноста и времето кое еден човек би требало поинаку да го користи за да може да опстојува среде случувањата на земјата. Можеби многу е грубо да се зборува за нешто негативно околу спокојната лежерност зад затворените очни капаци и хоризонтална положба која не бара многу труд и напори, а можеби ќе биде малку појасно ако се каже дека не се говори за еден детски сон пресликан со високо подигнати рачиња над главчето и табула раза случувања кои му претходеле и го иницирале. Ова е приказна за сонот на оние кои сеуште не се повратиле како деца што царството Небесно ги очекува и оние кои на својата табла имаат премногу чкртаници. Тоа се оние кои спијат иако надвор се случува сенешто, дремат и не ги разликуваат звуците на предупредување. Капаците им се залепиле бидејќи не сакаат да го видат она што не им се допаѓа и се задржуваат само во сопствено креираниот свет на илузии. Дури и кога алармот на нивната совест панично се обидува да ги пробуди, ноншалантно ќе го исклучат несвесно убедени дека не прават ништо лошо во еден свет со зарѓани критериуми.
Толку ли не можеме барем еден час да останеме будни? Во тој час можат да се случат толку многу работи поради кои и судбината ќе добие поинаков тек. На пример ќе заборавиме да го простиме долгот на нашиот ближен и со гнев ќе заврши средбата која беше добра тест процена на висината на нашата милост и смирение. Или мислите ќе ни одлутаат по мирисот на кокетната сосетка предизвикувачки облечена и недостојно соблечена во нив, со што горчливо ќе ги повториме зборовите на Учителот дека прељубата се врши и во срцето. Или зависта ќе не гризне кон сопственикот на луксузен имот и автомобил и копнежот ќе не клоцне кон идилата во слики кои не вметнале во неговата кожа без оглед на дамките по неа. Или спротивно од невините илузии на девојчето со кибритчињата ќе ги палиме неуморно и трошиме последните чкорчиња на нашата свест, беспоштедно вложување на сите атоми енергија и дури резервите сочувани за пензионерските денови, сите желби нестрпливо натрупани во еден кош во неуредност и без приоритет кои газејќи се и удирајќи помеѓу себе настојуваат да го пронајдат својот пат до површината  и исполнувањето, со анархија на чувствата сведени ту на среќа од придобивките во матна близина, ту на плач од честите разочарувања. Колку многу превривања за само еден час летаргично тонење налик на сон.
Да бидеме будни и да се молиме за да не паднеме во искушение бидејќи духот е бодар, но телото е слабо. Се согласи духот да му прости на ближниот како што Таткото го прави тоа со нашите долгови, а телото ќе се покори на безгневноста и ќе ја оттурне својата природа. Ќе се молиме за бистар поглед кон сосетката, неконцентриран кон она што не измачува, а телото ќе нема друг избор освен нормалната реакција која следува по студениот туш. Духот ќе го разбере и нашиот пад кога се зборува за зависта, но нема и да дозволи нејзините црнила да се прошират повеќе од под ноктите, каде ќе ги задржува додека му даде време на телото да здивне и го прифати богатството безбедно од крадец и молци. И најстрашното, да се заузда нашата слобода, страст за страстите, убеденост дека овој единствен и краток живот треба да се живее раскошно слатко по шемата на Мамона, и целосно невозможното тоа да се стори сам, без помош од Пастирот. Духот е бодар, има многу волја за добро и се што е доблест и визии како тоа се прави, телото е слабо, во обрач од искушенија, се дави од секоја подадена рака полна со задоволства кои за да ги фати треба да зачекори кон живиот песок. Молитвата ќе ги спои нивните предности и недостатоци во новиот човек без предрасуди дека неговата битка е предвреме изгубена, со полнота која се стреми кон совршениот Исус, со одлучноста дека телото мора веќе еднаш да се распне, и со насмевката кон искушенијата кои се веќе минато.

Friday, April 29, 2016

Нека биде волјата Твоја

           “И како се поодалечи малку, падна ничкум, се молеше и говореше: Оче мој, ако е можно нека Ме одмине оваа чаша, но не како Јас што сакам, туку како Ти. Отиде пак, повторно, и се помоли говорејќи: Оче Мој, ако не може да одмине од Мене оваа чаша, да не ја испијам, тогаш нека биде волјата Твоја!“   (Матеј 26, 39 и 42)   

     Перцепирајќи го светот онака лаички, немудрено и со очи преполнети со желба се да се опфати во зоната на погледот и по можност таму и задржи позади силно потенцирана граница, е само видување кое многу тешко ќе ја деформира сопствената волја, а уште потешко и ќе ја натера да се покори на Неговата. Сопствената, некогаш многу силно уверена во својата моќ и планини да преместува, најчесто завршува измамена на крајот не сфаќајќи го контрастот помеѓу бурниот елан на почетокот и залудно потрошената енергија во финишот. Подоцнежните сознанија, ако според заслужената милост Господова се објават, ќе потврдат дека волјата на човекот и стапиците на Мамона се многу блиску, дури и си дишат во вратот понекогаш. Волјата во најголем број случаеви се поистоветува со оставинското решение од еден дебел тестамент, нетрпелива категорија да се учествува во трка, но не за нераспадлив венец, туку по исполнување на желби поврзани со задоволување на телото, копнежите за трулежното и далечни недофатни оази. Таа волја уште од гревопадот беше длабоко несоодветна за војна со веќе проречени слова да умре.
     Оче мој, ако е можно, нека ме одмине оваа чаша, но не како јас што сакам, туку како Ти. Ако е можно да не сум се родил во време скоро целосно отсутно од најмалата нишка на доблестите, спокојот. Ако е можно страдањата да ми се мерат со синапово зрно, а среќата со највисоката планина која ниту птици ја надлетуваат. Ако е можно стравот да не ме посетува ниту дење ни ноќе, не во сабота, не пред наострени заби на лавови, не пред наезда на скакулци, не кога сонувам и не од утрото кога го поздравувам сонцето. Ако е можно смртта да не ме вознемирува, нејзините непристојни предлози, знаци со непознати болести и спомени по гробовите. Ако е можно човек на човека да не му биде волк бидејќи тие не се загрозени животински видови па да ги надополнуваме, ниту ние сме пак подолен вид на кој канибалството му е вродено. Ако е можно ближниот да не ме повреди за да не му возвратам со гневот од пеколот и омраза која обездушува, со низа зборови кои се нормални само кај запирките, со поглед намуртен како небо пред врнење и глас застрашувачки со интонација на земјотрес. Ако е можно радоста да ми биде будење, а насмевката заспивање, да не се сеќавам кога последен пат сум плачел, воздишката да ја правам од преполни гради љубов која сака да го истисне озонот во неговата обвивка, српот да не ми се заплеткува во каколот и да го жнее само годното, чинијата да ми биде полна повеќе од половина, скривалиштето да ми е безбедно од крадење и од молци, дрвото на животот да чува многу од своите лисја за мене, гредата во моето око да биде или раска или прашинка... но, сите овие желби да останат само недозреаност за да не би помислата на блаженост се претвори во суетност која распаѓа.
     Оче мој, ако не може да одмине од мене оваа чаша, да не ми ја испијам, тогаш нека биде волјата Твоја. Сум се родил во ова време неспокојно и ќе го барам она што совеста го нарекува добар подвиг. Страдањата ќе си ги прифатам како свои друшки и нема да ги прашувам дали се наситиле да ме измачуваат и нема прекорно да ги погледнувам за да си заминат. Стравот кој целосно се одомаќинил, ќе го искористам како лав од кој треба да се стои настрана и како орхидеја кога е Божји, која треба да се негува. Смртта, таа посебна приказна, е мојата добродателка која постојано ќе ме потсетува на трулежноста од мене која сопира во нејзините прегратки, и на светлоста во мене која од нејзините канџи ги наследува директно Небесата. Ќе бидам јагне наспроти човекот волк очекувајќи неговата накострешеност да се трансформира во кроткост, додека алчниот сјај од очите во разумна милост. Ако ближниот ме повреди ќе плачам само во тајната соба пред Таткото и ќе ја сочувам присебноста додека го изговарам: и прости им, не знаат што прават. И сите желби мои исполнети кои би биле храна за гордоста прифаќам да останат само соништа, дури и во зоната на помисли со забрана за навраќање, само за да го проверам смирението дали й верува на скрушеноста или сеуште има волја за револуции. Ќе ја испијам оваа чаша верувајќи дека зад нејзината горчина се крие еден цел систем на мерки за убивање на остатокот од негодни страсти во мене, за зацврстување на верата додека Тој е и вистината и патот, и за потребната сила да се заврши трката без да се пропушти венецот како награда.