Saturday, May 28, 2016

Најсрамниот чин

 “И плукаа на Него и, како ја зедоа трската, Го удираа по главата. А кога Го исмеаја, Му ја соблекоа багреницата, Му ги облекоа Неговите алишта и Го поведоа на распнување.“ (Матеј 27, 30-31)   

Прости им Господе, не знаеја што прават. И онака нечовечко однесување кое ќе биде запрепастувачко и кога би било насочено и кон од подолните видови битија, суштества со малку разум за сепак да се зачудат зошто некој го прави тоа во нивни правец и врз нивна глава, а камоли човек кон човека, и уште повеќе човек кон Господа. Подигнало ли рака полна со гнев и иронија созданието кон Создателот несвесно дека во периодот на неговото создавање е употребено повеќе љубов од количеството на сите води наспроти неколкуте капки гнаслива плунка, и употребено поголема љубов од густината на сите шуми наспроти една трска првично засадена не со цел да угнетува. Да знаеја што прават би пропаднале во земјата кутрите, под услов и таа да би ги примила, и не по нејзина волја, а замолена да ја отвори својата утроба и им направи гробови како што им доликуваат и од каде ќе продолжи виежот на црвот ненаситен. Да знаеја што прават ќе беа бесни на мајките кои ги родиле за да израснат во отпадок кој однесувајќи се отпадно го оскрнавија Најсветото што стапнало на земјата, Најсветлото што горело на небото и Најсилното што се појагнило за да ги поучи неверливите.
Кога Го исмеаја, како да беа сигурни во својата гордост и храброст и знаеја дека нема да се отвори небото и се насочат стотици громови врз нивните глави, дека нема да долетаат дванаесет легиони ангели и ги прободат со нивните мечови или дека нема да се појават од никаде милиони скакулци, болести и крвави реки за да ги изгризат, изјадат и удават нивните невредни тела. Го немаа Божјиот страв и последиците од Него кои му помогнаа на човекот да се покае за отпадот и обнови во Образот само преку Кој се стигнува на Небесата. Ниту се загледаа во Неговите очи кои и, ако се земе во предвид нивната заслепеност од власта која кратко ја имаа, иако Божји не ги препознаа, ниту ја идентификуваа брановидноста на случувањата во нив, тргнувајќи од промислата на Овој тогаш Богочовек да се создаде свет и му се додели на човекот водечка улога во него, да се претрпат разгаленоста и своеволноста на човештвото воопшто, да се уништи околината и повторно преуреди како лекција за неразумноста, па и на крај да се отфрли божественото и прифати страдалното тело само и само за исполнување на заветот. И онака багреница или не, Неговиот плашт невидлив ореол чие и крајче беше исцелително за крвотечение, чија ткаенина беше доволно да се допре и преземе дел од душата без маани или барем не бесцелната утеха дека тој контакт би бил едно од најубавите нешта што сте ги сториле во последните времиња, а за подоцна да сфатите дека тоа било и најубавото.
И Го поведоа на распнување. Ако правдата се дефинира како казна за отстапниците од одредените критериуми кои за мнозинството се правилни, тогаш нема логика во пресудата за Голгота. Ако пресудата беше Крст заради престапи опишани во некој член од законот на мнозинството згрозено од одредени чинови, тогаш нема логика ниту во одлуката да се распне. Ако одлуката беше еднаква и за виновни и за невини, а не беше бидејќи Варава се измолкна на слобода, тогаш нема логика ниту во судот. Ако судот е независен од притисокот на посилното мнозинство, а не беше бидејќи Пилат ја калкулираше својата власт и нејзината одржливост на престолот, тогаш нема логика ниту во постапките на власта. Ако власта се делеше на Римска и првосвештеничка и двете беа нееднакво силни, но синагогата го победи императорот бидејќи сакаше да го заштити Бога од себе си, тогаш немаше логика Неговиот Син да се предаде на распнување. Ако веќе Го предадоа и се уверија дека не може Себе да се спаси како што спасуваше мнозина, тогаш немаше логика во Неговото воскресение. Но, тоа се случи и сé доби своја логика. Логично е да нема правда на земјата, одлуката и пресудата за Голгота да бидат позајмени од сценариото на Мамона, судот да биде излажиран за јавноста, власта да помогне за да си потрае, Крстот да го распнува стариот човек, а Воскресението раѓа оној спасениот.







Saturday, May 21, 2016

Миење раце

 “Пилат, штом виде дека ништо не помага, а буната се зголемува, зеде вода, ги изми рацете пред народот и рече: Невин сум за крвта на Овој Праведник, мислете му вие!“   (Матеј 27, 24)   

Вообичаено протривање на една од друга рака со помош на вода која ќе ја одведе нечистотијата подалеку од нив и од помислата дека не е веќе валканица која би можела да й наштети и на душата. Процесот нема доволна микроскопска прецизност за да потврди дали негодните бактерии ги напуштиле екстремитетите и најчесто се заснова на чувството на леснина кое беше овозможено од ритуалот на миење и кој, само по својата препознатливост дека е наменет за прочистување, е самодоволен да нé втурне во удобноста на заклучокот за беспрекорно чисто.
Си ги погледнувам моиве раце на кои на прв поглед нема ниту дамка од нијансите кои затемнуваат, но не сум сигурен дека треба да бидам задоволен со таа сознајба која демонски дошепната ми се потсмева со трик прашање дали сепак не пропуштам некоја честичка која учествува во предавството на Праведникот. И ако ја пропуштам, а не сум можел да ја идентификувам, тогаш зошто се окотила, каде се крие и која й е умешноста да креира лажен идентитет? Нејзиниот постанок веројатно е поврзан со мојата колебливост при избор на патот, честото лутање де по тесните трнливи врвици кои водат до врвот, но и тркалањето по широките непрегледни магистрали полни со блуд, пот и солзи, што ја поттикна да се генерира, но и силно да опстојува под мојата кожа. Местото на сокривање беше јама, каде впрочем и се кријат непријатните изненадување, смрдлива дупка чија реа ме тераше секогаш да ја одбегнувам и дури и кога совеста ќе ме примораше да се наведнам над неа и вдишам со цели гради. Умешноста да биде актер и демагог врз моите чувства истовремено, ја правеше способна да не ја препознаам иако толку пати сум ја видел, ме измамила и дури и ми закажала нова сесија со добро проверените лаги. Си ги погледнувам моите раце повторно и веќе знам дека во нив има дамка која повеќе нема да ми дава мира на земјата ниту кога би ја миел бесконечно, ниту кога би ја прифатил како гребаница.
Пилат виде дека ништо не помага, си ги изми рацете пред народот и вината на неговата одлука ја префрли врз него. Кому јас да ја префрлам мојава? Цвеќината не ја сакаат поради нивната наивност во утврдувањето на разликата помеѓу есен и пролет. Ниту птиците ми ја прифаќаат како маса која би ги отежнала нивните крилја на патот кон југ. И дрвјата и планините и водата, дури и сонцето кое е толку моќно да претопи една вина во капкички роса. Единствено Небото, тоа ќе посегне по неа, но не ваква сурова како што егзистира во мене, непокаена. Ќе ја прифати, подземе и олесне, но треба да биде навлажнета од солзи за полесно да се одлепи од земјата. Треба да биде дишана со воздишки за полесна од озонот да добие летечка конструкција. И да биде премолена со молитви во кои се слушнаа и ветувања за нејзин заборав. Тогаш ќе се разделиме со мојата вина, таа долгогодишна состанарка која ја мразев повеќе од себе си кога й подлегнував.
Мислам дека сум невин за крвта на Праведникот. Љубовта на Татко Му за светот беше потврдена со жртва со која се потпиша договорот кој значеше смрт за гревот и почеток на праисконскиот однос после шестиот ден. Се што следеше после Крстот требаше да биде исполнување на заповедите и раѓање на новиот човек. Но, таа револуција остана нема во Писмото, и не во срцата со камена ограда. Повторно го чувствувам црвот кој глода по калкулацијата за часот на одмор на телово будно, но заинтересирано само за неговите навики кои се задоволуваат кратко, страсно, привремено и секогаш недоволно. Сакам да се разделиме за да не му дозволам неговата опсесија да биде полно, да преовлада и со моите мисли кои последично потоа ќе го вознемируваат мојот разум, лесно поткуплив да посака да му се придружи и обата станат тело, никогаш доволно сито. Разделбата, посебно со нештата поврзани со корени, е секогаш тешка, а некогаш скоро и невозможна. Имам едно сечило за корења, но сеуште не сум го употребил, го чувам за денот кога страстите ќе ми се одмилат. И дотогаш мислам дека не сум невин за крвта на Праведникот.






Saturday, May 14, 2016

Пред петел да пропее

 “Тогаш тој почна да се колне и се заколна: Не Го познавам Човекот. И веднаш запеа петел. И се сети Петар на Исусовите зборови што му ги рече:  Уште петел пред да пропее, трипати ќе се одречеш од Мене. Па излезе надвор и плачеше горко.“   (Матеј 26, 74-75)   

Не Го познавам Човекот. Ако навистина Го познавам ќе се лишам од лошите дела и навиката да складирам само негодно во сокровиштето од моето срце. Ако навистина Го послушам, патот нема да ми биде толку широк и преполн со обемни задоволства кои едвај дочекуваат да ги стигнеш за да побегнат уште побрзо раскикотени во својата сигурност дека уште еднаш и уште еднаш ќе тргнеш по нив. Ми ја раскажа приказната за заблудениот син, но само привремено ме трогна сличноста на живот на дното со него, како недостигот дури и на храната за свињите да не беше пресуден да ме отрезни и врати во светлината. Ако Го познавам ќе му верувам на Неговата кроткост создадена да воспитува и кога казнува и на Неговата милост која наградува кога простува. Знам дека со прстот во песокот Ми ги пишуваше гревовите, но никогаш немав време да застанам и ги прочитам, да благодарам дека јавно не Ме посрамотил и да се пробудам надвор од мојата куќа од песок. И колку да бев убеден дека Го познавам, уверен дека Ми простил за секој гревопад, завршував со поглед кон земјата која со право ме обвинуваше за мојата слабост одново и одново да ги повторува истите заблуди кои само за уште неколку моменти од времето ќе беа целосно покаени. Го слушам гласот на петелот кој го навестуваше времето за плачење.
Не Го познавам Човекот. Ако навистина Го познавам нема да се срамам пред луѓето да објавам дека Тој е нашиот Творец и Вистината, Патот и Животот. Ќе се префрлам од нога на нога и кисело ќе се насмевнувам на атеистичките недоречености дека човекот настанал од мајмун, мајмунот од амебата, таа од космичката бура, а таа од ништо. Кому му е потребна вистината ако лагата е предуслов за успешност и стимулатор за слава и суетно себеподигнување? Зошто мнозината го избираат широкиот пат со отворен поглед и лесен дофат кон материјалноста необзирнувајќи се на тесните, кривулести врвици наоружани со бодликави трња кои нудат само спокоен сон и нечуена визија на крајот?  И кој освен малцината ќе го отфрли мотото на милениумот дека се живее само еднаш и тоа треба да се искористи со максимум напори и да се граба, газе и турка? Ако навистина Го познавам ќе се борам да им докажам дека мракот не е состојба на битисување, дека егоизмот не е доблест во карактерот, дека парите не се топла категорија, дека смртта е само сон за праведниците, дека огненото езеро е пострашно од гробната дупка, дека богатите не ги збира низ иглени уши и дека молитвата е комуникација, а се останато дрдорење. Но, Тој напомена за оние кои се откажуваат од него, ќе бидат исто откажани пред Неговиот Отец. Уште една причина после гласот на петелот да се заплаче.
Не Го познавам Човекот. Ако навистина Го познавам нема да се плашам да ги напуштам страстите. Ух, да се остане без полн стомак скоро половина час, без трепети по телото предизвикани од студените чаршафи во туѓа постела, без измама која ќе донесе материјален профит, без цврст допир до се што е во видеокругот и пошироко што би можел да замисли еден скоро анимален разум...  Ако навистина Го познавам ќе верувам дека не се живее само од леб туку и од зборот Божји, дека трепетите уште посилно се создаваат при погледот кон близначињата од сопствената срна, дека вистината без добивка сама по себе е благодет, и дека најсладок контакт е оној со Силите на Небото. Ако навистина Го познавам чест ќе ми биде мојата борба против самиот себе, и можеби после некоја извојувана победа, подлабоко ќе верувам и во доброволното учество како војник против армијата на Мрачната напаст. За жал одрекувањето ми стана поголема навика од послушноста и сите мои бесплодни напори завршуваат со семејна трагедија и нишка надеж дека утре ќе биде и бидам подобар. Тоа чувство на празнина не се опишува со зборови недоволни да ја отсликаат сцената на Распнатиот, исфрлените надежи крај Неговите нозе, скршениот човек кој со солзи ги оплакува и пеењето на петел во позадина кој го означува толку пати веќе виденото.





Saturday, May 7, 2016

Духот е бодар, но телото е слабо

        “Па кога дојде при учениците и ги затече како спијат, и му рече на Петра: Толку ли не можевте еден час да останете со Мене будни? Бидете будни и молете се, за да не паднете во искушение: духот е бодар, но телото е слабо.“   (Матеј 26, 40-41)   

Сонот, таа компонента со повеќе значења е дел од напорите да се излезе од себе си и се заживее во некој друг свет или пак едноставен предуслов кој мора да биде исполнет за да се овозможи нормално функционирање на човековата природа. Без оглед на дефинираноста, неговата прегратка е многу потребна и кога се работи за состојба на исцрпеност која предизвикува раздразливост и мртви сетила за борба, и кога верата е силна и настојува своето испитување да го поткрепи со соништа за невиденото на небесата. Но, ова е приказна за неговите негативни импликации врз присебноста и времето кое еден човек би требало поинаку да го користи за да може да опстојува среде случувањата на земјата. Можеби многу е грубо да се зборува за нешто негативно околу спокојната лежерност зад затворените очни капаци и хоризонтална положба која не бара многу труд и напори, а можеби ќе биде малку појасно ако се каже дека не се говори за еден детски сон пресликан со високо подигнати рачиња над главчето и табула раза случувања кои му претходеле и го иницирале. Ова е приказна за сонот на оние кои сеуште не се повратиле како деца што царството Небесно ги очекува и оние кои на својата табла имаат премногу чкртаници. Тоа се оние кои спијат иако надвор се случува сенешто, дремат и не ги разликуваат звуците на предупредување. Капаците им се залепиле бидејќи не сакаат да го видат она што не им се допаѓа и се задржуваат само во сопствено креираниот свет на илузии. Дури и кога алармот на нивната совест панично се обидува да ги пробуди, ноншалантно ќе го исклучат несвесно убедени дека не прават ништо лошо во еден свет со зарѓани критериуми.
Толку ли не можеме барем еден час да останеме будни? Во тој час можат да се случат толку многу работи поради кои и судбината ќе добие поинаков тек. На пример ќе заборавиме да го простиме долгот на нашиот ближен и со гнев ќе заврши средбата која беше добра тест процена на висината на нашата милост и смирение. Или мислите ќе ни одлутаат по мирисот на кокетната сосетка предизвикувачки облечена и недостојно соблечена во нив, со што горчливо ќе ги повториме зборовите на Учителот дека прељубата се врши и во срцето. Или зависта ќе не гризне кон сопственикот на луксузен имот и автомобил и копнежот ќе не клоцне кон идилата во слики кои не вметнале во неговата кожа без оглед на дамките по неа. Или спротивно од невините илузии на девојчето со кибритчињата ќе ги палиме неуморно и трошиме последните чкорчиња на нашата свест, беспоштедно вложување на сите атоми енергија и дури резервите сочувани за пензионерските денови, сите желби нестрпливо натрупани во еден кош во неуредност и без приоритет кои газејќи се и удирајќи помеѓу себе настојуваат да го пронајдат својот пат до површината  и исполнувањето, со анархија на чувствата сведени ту на среќа од придобивките во матна близина, ту на плач од честите разочарувања. Колку многу превривања за само еден час летаргично тонење налик на сон.
Да бидеме будни и да се молиме за да не паднеме во искушение бидејќи духот е бодар, но телото е слабо. Се согласи духот да му прости на ближниот како што Таткото го прави тоа со нашите долгови, а телото ќе се покори на безгневноста и ќе ја оттурне својата природа. Ќе се молиме за бистар поглед кон сосетката, неконцентриран кон она што не измачува, а телото ќе нема друг избор освен нормалната реакција која следува по студениот туш. Духот ќе го разбере и нашиот пад кога се зборува за зависта, но нема и да дозволи нејзините црнила да се прошират повеќе од под ноктите, каде ќе ги задржува додека му даде време на телото да здивне и го прифати богатството безбедно од крадец и молци. И најстрашното, да се заузда нашата слобода, страст за страстите, убеденост дека овој единствен и краток живот треба да се живее раскошно слатко по шемата на Мамона, и целосно невозможното тоа да се стори сам, без помош од Пастирот. Духот е бодар, има многу волја за добро и се што е доблест и визии како тоа се прави, телото е слабо, во обрач од искушенија, се дави од секоја подадена рака полна со задоволства кои за да ги фати треба да зачекори кон живиот песок. Молитвата ќе ги спои нивните предности и недостатоци во новиот човек без предрасуди дека неговата битка е предвреме изгубена, со полнота која се стреми кон совршениот Исус, со одлучноста дека телото мора веќе еднаш да се распне, и со насмевката кон искушенијата кои се веќе минато.